Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се закажани нови рочишта за случаите „ТНТ“ и „Траекторија“.
Судењето за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски треба да почне од почеток, откако вчера судијата поротник Лилјана Ивановска Кочковска поднесе неотповиклива оставка.
Судијата Огнен Ставрев ја повика одбраната да ја почне постапката одново, но само со читање на досега изведените материјали.
– Ако е како што тврдевте, дека вашите барања изминатите два месеца биле за целисходноста на постапката, имате шанса да ја потврдите намерата. Ако е интерес на правдата, можете до утре на рочиште да ја потврдите намерата и да ја почнеме постапката одново, но да го поминеме само со читање на досегашните материјали без повторно сослушување сведоци, рече судијата Ставрев.
Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
За делото се обвинети повеќе лица, меѓу кои ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.
Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
Случајот се води против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски.
Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.