Адвокатот Јовица Страшевски кој го застапува ексградоначалникот Тони Трајковски во случајот ТНТ за незаконското рушење на објектот „Космос“, смета дека оставката од поротничката Лилјана Ивановска-Кочкоска значи дека надвладеала правдата и разумот. Тој го поздрави гестот на поротничката.
„Видовте и сами, вие новинарите, дека сите сценарија кои судот сакаше да ги наметне, дека правиме притисок врз поротничката, дека има закани, дека има се, дека не е точно. Го поздравувам гестот на поротничката која поднесе оставка поради размислувањето дека и е истечен мандатот, со тоа, победи правдата во Македонија“, порача Страшевски.
Тој смета дека е подобро да се изведат повторно сите докази, да се ислушаат сите сведоци, бидејќи тој не знаел ништо од нив.
„Има два начини, да се изведат повторно доказите и да се читаат. По мене е подобро повторно да се изведат, но ако сите се согласат за поинаку, и јас би се согласил. Само два часа имам извршено увид во постапката и од доказите не знам ништо. Нема да се успори постапката. Нема да правам опструкции во постапката, затоа што во интерес ни е да ја докажеме правдата и вистината“, порача Страшевски.