Советот за оцена на обвинителниот акт при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое обвинителниот акт КО бр 21/19 поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, се одобрува во целост.
– Заради интерес на медиумите, ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителен акт надлежен да постапува по обвинителниот акт КО бр 21/19 поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, по одржана јавна седница како и ценење на фактите и доказите во истиот, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
По веќе оценетиот обвинителен акт, како што велат од Судот, формиран е кривично- правен предмет кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен кај судија на понатамошно постапување за што странките и јавноста ќе бидат дополнително информирани.
Обвинението се однесува за организирање на настаните во Собранието на 27 април 2017 година, а осомничени се поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјановски и екс-директорот на УБК, Владимир Атанасовски.