Дизајнерката Вера Ванг ги наплатува 350 евра пробите на нејзините венчаници. Таа се најде на мета на критиките, поради оваа пракса, воведена во нејзината продавница во Шангај.
Вера Ванг веќе се години важи како омилена дизајнерка на венчаници за познати. Нејзините модели ги „одведоа“ до олтарот Мараја Кери, Викторија Бекам и Ким Кардашијан, додека „обичните“ фустани на Вера ги сакаат Кира Најтли, Мишел Вилијамс, Рејчел Вајс и многу други.
Ванг неодамна отвори продавница од 850 квадратни метри во центарот на Шангај, а кинеските невести побрзаа да ги пробаат нејзните преубави фустани.
Меѓутоа ги дочека непријатно изненадување – секоја млада плаќа неповратна сума за консултација, односно за проба на венчаницата во износ од 350 евра.
Надоместот се плаќа за престој во продавницата во должина од 90 минути, без разлика дали на крајот ќе дојде до купување.
Оваа необична пракса можеби има корени во расизмот, коментираат кинеските медуми, бидејќи младите во другите земји не мораат да плаќаат за да влезат во продавниците.
– Несфатливо е Ванг, чии родители се родени токму во Шангај, на ваков начин да ги понижи кинеските девојки, кои сакаат да заблескаат на најважниот ден во нивниот живот, нагласуваат кинеските медиуми.
ПР службата на креаторката во кусото соопштение нагласи дека плаќањето на влезот во продавницата е „заштитна мерка“ против оние кои влегуваат само за да видат и допрат се во неа, а не за да купат нешто.
Најевтината венчаница на Вера Ванг чини околу три илјади долари.