Собранието со 101 глас ја изгласа техничката влада на чело со Оливер Спасовски.
Министрите во техничката влада дадоа свечена заклетва.
Во преодната влада, опозицијата, освен министер за внатрешни работи, предлага и министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство, а власта добива заменици во МВР и МТСП.
За министер за внатрешни работи, ВМРО-ДПМНЕ го предложи Наќе Чулев, професионалец од Агенцијатa за разузнавање, откако СДСМ не го прифати предлогот Драган Ковачки, армиски полковник, да биде на оваа функција. Рашела Мизрахи ќе биде предлогот за министер за труд и социјална политика, заменик-министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, за информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојкоски и за земјоделство Цветан Трипуновски.
По предлог од СДСМ, заменик-министер за внатрешни работи ќе биде Славјанка Петровска, а за труд и социјална политика Санела Шкријејљ.
Ова ќе биде втора преодна влада пред одржување предвремени парламентарни избори. Прв премиер во преодната влада беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ.