Во присуство на Мишел Платини, претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), денеска беше отворен новиот комплекс на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), наречен „Куќа на фудбалот“, a изграден со средства добиени од УЕФА и со помош на Владата.
Новиот фудбалски центар содржи нова зграда каде ќе биде сместена ФФМ, и четири терени кои ќе се користат за тренинзи на националните селекции. Во состав на центарот има и мал стадион со капацитет од околу 3.000 гледачи.
На свеченоста присуствуваше и премиерот Никола Груевски, кој оцени дека изградбата на комплексот „Куќа на фудбалот“ е уште една инвестиција што ќе им користи на спортистите и што докажува дека фудбалот и спортот се едни од највисоките приоритети на Владата.
– Капитален проект „Куќа на фудбалот“ е дел од интензивното вложување во спортот. Во интерес на проектот заедно со општина Аеродром и Град Скопје се направени ослободувања околу потребните давачки. Од Владата се инвестираа 780 илјади евра за четирите фудбалски терени, а со поддршката од УЕФА се изгради новата зграда на ФФМ, посочи Груевски.
На новиот тренинг центар, укажа, ќе можат да се подготвуваат сите репрезентативци од македонските фудбалски селекции, а исто така и фудбалските надежи од Спортската академија.
Според Груевски, во Македонија е нопходно инвестирање во спортска инфраструктура и е возможно на сегашните спортисти да им се обезбедат колку што е можно подобри услови.
– Да им помогнеме на спортските работници и клубовите во блиска иднина она што се мисли дека е тешко остварливо да стане возможно, а тоа е македонските репрезентативци во сите спортови да постигнуваат врвни резултати, рече Груевски.