Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули денеска, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Владимир Смилевски, ги посетија објектите односно училиштата и градинките кои се дел од Планот за чист воздух.
Во својата изјава, заменик министерот повторно истакна дека само со заедничка борба, ќе успееме да се справиме со предизвиците за заштита на животната средина, бидејќи успехот зависи од интегрирана и координирана акција на сите чинители, на централната и локалната власт, деловната заедница и граѓанските здруженија.
Во општина Бутел, предвидените мерки од Планот за чист воздух ќе опфатат промена на старите прозорци и врати во Детската градинка 11 Октомври-Бутел 1 и Детската градинка 11 Октомври-Бутел 2 со цел да се подобри енергетската ефикасност на објектот, со што ќе се овозможи заштеда на топлинска енергија, како и заштеда на општинските буџетски средства.
Од Планот за чист воздух, за Општина Бутел се издвоени околу 1.400.000 денари за хортикултурно уредување и реконструкција на дворната површина со зелена површина во ООУ ,,Живко Брајковски”. Во ова основно училиште предвидено е плански да се уреди дворната површина со засадување на плодородни дрва и дрва со брзорастечки карактеристики како и да се направи зелен ѕид сé со цел создавање на поголема зелена маса.
Вкупната зелена површина во училиштето изнесува 5324м 2 , и бидејќи е лоцирано во урбана средина со голем број на живеалишта и голем недостаток на зелени површини, хортикултурното уредување на зелена површина ќе ги поттикне учениците и жителите од населбата за поголема грижа и заштита на зеленилото. Ова ООУ го посетуваат околу 800 ученици кои се директни корисници на мерката зелени површини, а додека дворната површина и местото за рекреација и спорт го користат останатите жители на населбата поради недостаток на урбани зелени паркови во околината.