Состојбата во земјоделството е драматична. Субвенциите не го даваат саканиот ефект, обработливите површини се намалуваат, бележиме пад на растителното и животинското производство, а сé по евидентен е и ударот од климатските промени. Неопходни се интервентни мерки: инвестиции во технологија, наводнување и во преработувачки капацитети, зачувување на биодиверзитетот и развој на руралните средини, предупредува Стопанската комора на Македонија.
Комората очекува институциите позитивно да одговорат на нејзините барања: да се укинат ограничувањата за субвенциите за големите компании, да се изградат ладилници и да се дозволи увоз на млеко од Турција зашто суровина нема, а големи се нарачките и можностите за извоз на преработки во Русија. Овие и уште неколку други барања беа искажани на неодамнешниот форум во Комората на кој присуствуваа ресорниот министер Трајан Димковски, производителите и претставниците на земјоделските здруженија.
– Се бараат интервентни мерки во примарното производство, конкретно можност за увоз на млеко зашто нема доволно, а има побарувачка за поголем извоз во Русија. Се бара и развој на професионалното фармерство, односно поддршка на големите стопанства до 50 отсто. Во врска со субвенциите, можеме да кажеме дека не дадоа ефект иако висината на средствата низ годините се зголемуваше. Очигледно, не беа добро распределени. Бројките потврдуваат дека се намаелни површините, како и растителното и животинското производство, рече денеска на прес-конференција Васко Ристовски од Здружението за земјоделство во Стопанската комора.
Како што нагласи Ристовски, вложувањето во иновации е исклучително битно. Т.н. интелигентно земјоделство и принципот на „паметни села“ кај нас се уште не е препознаен.
– Речиси целиот агро сектор е прилагоден со ЕУ регулативата и се работи по тие правила, но заостануваме во технолошките иновации. Многу малку се искорситени можностите, а во овој сегмент Европската унија дава многу голема поддршка. Ако не поработиме на ова поле, тешко ќе постигнеме високо развиено и конкурентно земјоделство. Колку повеќе време губиме на ова, толку поголеми последици ќе имаме по домашното производство, истакна Ристовски.
Според Здружението, за конкурентно земјоделство во фокусот мора да бидат биодиверзитетот, агро-еколошките мерки, руралниот развој и органското производство.