Премиерката на Финска, Сана Марин изјави дека договорот на Европска унија за климатски неутрална Европа до 2050 година е важна одлука за идните генерации.
– Тоа е јасна порака до сите граѓани кои бараат поголема европска амбиција во борба против климатските промени… Финска има уште поамбициозен план, да стане климатски неутрална земја до 2035 година, наведе Марин на крајот на дводневниот самит во Брисел.
Лидерите на ЕУ на Самитот во Брисел се договорија за заедничка цел – Европа до 2050 година да биде првиот климатски неутрален континент на светот.
Во исто време, Полска најави дека и е потребно повеќе време за да се прилагоди на целта.
За време на разговорите во Брисел, ЕУ лидерите се обидоа да најдат консензус со Полска, Унгарија и Чешка кои изразија загриженост за трошоците, роковите и начинот за декарбонизација. Земјите кои најмногу употребуваат фосилни горива, се залагаа за дефинирање на поделба на трошоците за транзиција кон нови извори.
– Свесни сме дека сите земји-членки немаат исти почетни позиции и оти на некои ќе им биде потешко да се прилагодат. Затоа разговараме како подобро да помогнеме и да ги поддржиме тие региони и индустрии, посочи претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Во заклучоците на Европски совет се наведува дека земјите-членки ќе имаат право да одлучуваат за сопствениот енергетски микс и најприфатливите технологија, вклучително и употреба на нуклеарна енергија.