Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов, во пресрет на вечерашниот дуел од кошаркарската АБА 2 лигата со Ловќен, фаворитската улога ја препушти на црногорскиот тим.
– Против себе ќе имаме квалитетна екипа, која е посебно опасна на домашен терен и која има искусни играчи на сите позиции. Фактот што Ловќен игра пред своите навивачи го прави овој тим фаворит на мечот. Но, ги знаеме нивните силни и слаби страни и подготвени сме да дадеме максимум за да стигнеме до победата. Очекувам индивидуална одговорност од моите играчи, изјави Кочов за веб-страницата на регионалното натпреварување.
Натпреварот Ловќен – МЗТ Скопје Аеродром се игра вечер од 18 часот во Цетиње.
МЗТ Скопје е втор со осум победи и два пораза, Ловќен е во долниот дел на табелата со четири победи и шест порази.