Австралискиот премиер Скот Морисон изјави денеска дека 11 државјани на Австралија се водат како исчезнати, додека 13 се хоспитализирани по ерупцијата на вулканот на Нов Зеланд.
Се претпоставува дека тројца од петте жртви од ерупцијата се австралиски државјани, истакна Морисон.
– Стравувам дека информациите ќе бидат и полоши во текот на денешниот или следните денови. Ова е ужасна трагедија, додаде австралискиот премиер.
Вкупно 24 австралиски државјани, на возраст од 17 до 72 години, биле дел од групата, која со крузер пристигнала на белиот остров да го истражува вулканот кога дојде до негово активирање.
Некои од повредените се наоѓаат во критична состојба и се распоредени во неколку новозеландски болници.