Ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, утрово се симна од полициското комбе и во придружба на полицајци влезе во судот, каде што ја пречекаа бројни новинарски екипи.
Неколку минути подоцна во судот дојде и обвинетиот Зоран Милевски. Во чекалницата дојде и синот на Катица, Лазар Јанев.
Судијката Васка Николовска Масевска закажа над 40 рочишта.
Меѓу сведоците на Обвинителството се ексспецијалните обвинители, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга, Ана, сметководителката чии раце се гледаат на снимката како ги бројат парите кои ги земаат Јовановски и Милевски, и други.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина 50.000 евра.
Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување, Бојан Јовановски за примање награда за противзаконско влијание и перење пари, а Милевски за противзаконско влијание.