Во Мадрид денеска почнува Меѓународната конференција на Обединети нации за климата (ЦОП25) и ќе трае две недели.
По тој повод Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш вчера изјави дека човештвото треба да ја прекине војната со природата која го возвраќа ударот. Тој исто така го осуди „целосно недоволните“ обврски што земјите ги презедоа за намалување на емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина поради немање на политичка волја.
Додека политичките лидери зборуваат за решавање на проблемите предизвикани од климатските промени се зголемува емисијата на штетни гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, се зголемува температурата на воздухот, се истопија илјадници милијарди тони мраз, а се почеста појава се и пожарите.
Првата дипломатска конференција на ОН за климатските промени беше во Рио де Жанеиро во 1992 година.
Но, што се случи со Земјата оттогаш:
– Нивото на јаглерод диоксид во воздухот се зголеми од 358 делови на милион на речиси 412, што е пораст за 15 отсто за 27 години.
– Годишната емисија на јаглерод диоксид од фосилните горива и индустријата во 1992 година изнесуваше 6,06 милијарди метрички тони јаглерод, додека во 2017 година беше 9,87 милијарди метрички тони, што е зголемување за 63 проценти за 25 години.
– Просечната температура во светот за последните 27 години порасна за 0,57 степени Целзиусови.
– Од 1 јануари 1993 година во САД се случија 212 временски непогоди и катастрофи, од кои секоја една предизвика штета во висина од најмалку една милијарди долари, пресметувајќи ја и инфлацијата. Временските непогоди вкупно чинеа 1.450 милијарди долари и усмртија над 10.000 луѓе.
– Американскиот „Индекс на климатски екстреми“ речиси двојно се зголеми од 1992 до 2018 година. Со индексот се опфатени големи отстапувања од вообичаените температури, суши и пропратни појави, како обилни дождови.
– Од 1992 година до денес Девет од десет најскапи урагани ги погодија САД.
– Опожарената површина на САД во 1992 година изнесувала 1.335.462 хектари додека во 2018 година – 3.075610 хектари.
– Просечната годишна покриеност на Арктичко Море со мраз е намалено од 12,1 милиони километри квадратни на 10,1 милиони километри квадратни во 2019 година, што е намалување за 17 отсто.
– Ледената плоча на Гренланд изгуби 5,2 илјади милијарди тони (4,3 илјади милијарди метрички тони мраз од 1993 до 2018 година.
– Ледената плоча на копното на Антарктикот изгуби 3.000 милијарди тони (2,7 илјади милијарди метрички тони) мраз од 1992 до 2017 година.
– Нивото на морињата во светот од 1992 година во просек бележи раст од 2,9 милиметри годишно. Тоа е вкупно 78,3 милиметри.