Вкупно 3.852 парични награди во вкупен фонд од половина милион евра ќе се доделуваат од 15 декември, со скенирање на фискалните сметки преку апликацијата МојДДВ. Наградната игра МојДДВ #МојаНаграда ќе трае една година, и за тој период ќе се доделат две премии од 50.000 евра, месечно ќе се доделуваат 15 награди по 100.000 денари и дневно ќе се доделуваат 10 награди од по 1.000, 2.000 и 3.000 денари.
Дневните награди ќе се извлекуваат со електронски генератор, а на апликацијата МојДДВ на секој добитник ќе му стига порака која сума ја добил. Доколку нема награда, на апликацијата ќе стигне едукативна порака, во духот на финансиската едукација. За месечните награди од по 100.000 денари и премиите од 50.000 евра, ќе има јавни извлекувања.
Целта на МојДДВ #МојаНаграда, како што кажа министерката за финансии Нина Ангеловска вчера на прес-конференција е да биде засилување на мерката МојДДВ – која патем дава одлични резултати во сузбивањето на сивата економија. Таа посочи дека МојДДВ #МојаНаграда треба да ги мотивира луѓето да ги скенираат и оние сметки со помали суми на ДДВ, , кои претходно не ги скенирале, како и да ги натера да продолжат да скенираат сметки откако ќе го надминат месечниот праг за поврат на ДДВ.
Ангеловска рече дека при дизајнирањето на #МојаНаграда биле земени најдобрите практики од другите земји, од извештаи на Европската комисија. Таа посочи дека покрај сузбивањето на сивата економија, преку наградната игра ќе се врши и финансиска едукација на граѓаните и подигање на даночниот морал преку едукативни пораки.