Во ноември можеби и да не постои „Hotel Black Friday“, но затоа во јануари ќе надоместиме со „Hotel Black Weekends“, соопштуваат од Сојузот на хотелиери на Солун.
Тие најавуваат дека за месецот кога во Грција се во тек зимските попусти, за викендите престојот во хотелите во градот ќе биде по ниски цени за секој џеб, јави дописничката на МИА од Атина.
-За вас, кои го сакате Солун и сакате да бидете во градот во периодот на попусти, очекувајте новости и искористете го одличното гостопримство и одличните хотелски удобности по цени толку ниски што им одговараат на сите, велат од Сојузот на хотелиери на Солун и додаваат дека наскоро ќе соопштат и поконкретни детали.