Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево и оваа година во соработка со издавачката куќа „Матица“ организира минисаем на книга, кој ќе почне утре и ќе трае до 29 ноември. Ќе се одржува во читалницата на библиотеката од 7.30 до 18 часот.
-Се надевам дека нашите сограѓани, особено нашите читатели, ќе бидат среќни што караванот на „Матица“ се сели повторно во нашата библиотека. Љубителите на пишаниот збор ќе имаат можност да најдат актуелни наслови кои се популарни меѓу читателската публика, истакна директорката на библиотеката Билјана Петровска, која очекува саемот да биде добро посетен како и минатата година, а ако има интерес, рече, ќе биде и продолжен.
Библиотеката „Илинден“ планира уште еден минисаем на книга пред Нова година, како и две промоции на книги.