Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, бизнис заедницата, локалниот економско социјален совет, и останатите засегнати страни денеска во Скопје ја одржаа последната регионална средба за креирање на новиот Оперативен план за активни мерки за вработување за 2020 година.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го повика бизнисот секторот до крајот на следната недела да ги дадат своите предлози каков кадар им е потребен на компаниите во Северна Македонија за да се искреираат корисни и квалитетни мерките за вработување за идната година за Оперативниот план за 2020 година.
„Сметам дека овој тип на дебати на локално ниво се клучни. Мерките се успешни кога се креираат според потребите на даден регион и за тоа веќе имаме успешен пример од минатата година. Верувам дека со добро планирање и сугестиите што ќе ги добиеме од бизнис секторот можеме да го зголемиме бројот на вработувањата, но и да го обезбедиме потребниот кадар којшто недостига на компаниите и тоа ќе биде во интерес на сите“, рече Царовска.
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска истакна дека улогата на АВРСМ, е да биде вистински сервис за невработените, но и за бизнис заедницата.
„Министертвото за труд и социјална политика ги креира мерките за Оперативниот план со цел истите да бидат успешно имплементирани. Имаме успешна релизација во 2018 година којашто е над 95 %. Ваква висока реализација очекуваме и годинава”, истакна Јовановска.
Денешната средба во Скопје беше организрана со поддршка на проектот за Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го финасира ЕУ, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Претходно регионална средба за ОП 2020 се одржа во Тетово, Струмица и Битола.