Околу 700 лица, од кои повеќето деца, немаат извод од матична книга на родени и не се запишани никаде во системот и со тоа немаат никакви социјални и здравствени права. Овој проблем ќе го решиме со предлог-законот кој веќе го усвоивме во влада, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска по средбата со граѓани со овој проблем во Шуто Оризари.
„Важно е дека во минатите 5-6 години се калкулираше со различни бројки. Ние во проект од април до ноември 2018, вклучивме службеници и овластени лица кои заедно ги попишаа овие лица и стигнаа до бројка од околу 700“, изјави Царовска.
Таа нагласи дека со овие законски измени, овие граѓани кои се нарекуваат и „фантоми“ ќе добијат граѓански статус со што ќе може да бидат вклучени во образовниот, здравствениот и општествениот живот и со тоа ќе се подигне и нивниот квалитет на живот.
Министерката истакна дека ова е само прв чекор и се надева дека во најскоро време ќе се најде и трајно решение.