Авганистанските безбедносни сили деактивираа во Кабул камион-бомба, наполнет со речиси осум тони експлозив, што претставува најголема експлозивна направа која е откриена во земјата, соопшти денеска авганистанската разузнавачка служба.
Подготвената бомба за експлозија била откриена во средата во источниот дел на авганистанскиот главен град.
Според властите, експлозивната направа би можела да уништи реон со радиус од 1,5 километри.
Бомбата е откриена по два дена од заминувањето на американскиот министер за одбрана Чак Хејгел од Кабул. За време на неговата посета беше извршен и самоубиствен напад на околу еден километар од зградата на НАТО, каде тој имаше средби.