Изминатиот петок, во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, се одржа јавно претставување на избрани дела од опусот на македонскиот скулптор Жарко Башески насловено „ Фрагменти“.Публиката имаше можност да види нови, но и постари дела на Башески, создавани во различни периоди од неговото творештво.
„Исклучително е чувството да се изложуваат дела во токму тука, во Прилеп, од каде го започнав мојот уметнички пат. Вечерашното претставување е специфичен концепт, збир на нови, но и постари дела кои досега оваа публика немала прилика да ги види. Бројните посетители се најдобар показател за интересот и желбата на домашната публика за уметност и културни настани и надвор од Скопје, на што заеднички треба интензивно да работиме“, изјави Башески.
Изложбата ја отвори историчарот по уметност Викторија Димеска, која посочи дека творештвото на Жарко Башески е претставено преку бројни самостојни и групни изложби низ земјата и во светот.
„Во сопственото творештво авторот обработува теми кои се однесуваат на севкупното постоење, природата на битието, општите и фундаментални својства на есенцијата или суштината на животот и апсурдноста, односно безнадежноста како универзална човекова состојба. Користејќи се со материјали како стаклена волна, силикон, полиестер, акрилик, природни влакна и текстил, конструира минијатури, скулптури со човечки размер и хиперреалистични фигури. Преку веродостојната и експресивна моќност на реалистичната претстава, односно нераскинливата врска меѓу физичкиот стимул и психичката состојба на фигурата, Башески ја ослободува скулптурата од нејзиниот традиционален концепт и нуди интепретација и релација меѓу делото и определениот простор“, истакна Димеска.
Публиката ќе има прилика да ја посети изложбата „Фрагменти“ во Прилеп до крајот на месецот.
Жарко Башески е македонски скулптор, професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и дел од Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Се вбројува меѓу најдобрите светски хиперреалисти, а дел од неговите дела публиката има можност да ги види изложени во музеи и галерии низ Европа.