Толку е непрофесионално изработена физибилити-студијата за Системот за итна хелихоптерска медицинска помош и спасување (САР и ХЕМС), толку е без никакви детали, што најверојатно е првата причина за сите други пропусти коишто се случуваат во самата постапка, рече на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Една ваква сериозна работа каде што треба да опфати набавка на хеликоптери и давање услуги на итна медицинска помош и за потрага и спасување да биде изработена од апсолутно и тотално нестручни лица како што се машински инженери, притоа каде што не се дефинирани буквално ниту едни услови, без разлика дали е тоа за формирање на самата компанија, кој какви услуги ќе дава, кои се обврските на државата, кои се условите на приватниот партнер, како ќе оди наплатата и плаќањето, кој ќе оперира со воздухопловството и слично, е една голема небулоза и огромна непрофесионалност од страна на владата“, додаде Јанушев.
Тој нагласи дека она што владата се обидува на овој, како што кажа, криминален начин да го даде на приватна фирма, хеликоптерската единица на МВР веќе го прави бесплатно за сите граѓани.
„Дали во целата оваа постапка при изработка на оваа студија и при водење на самата постапка се вклучени Министерството за внатрешни работи, односно хеликоптерската единица во МВР, бидејќи во моментот согласно Законот за внатрешни работи тие се надлежни и тие имаат единствено ингеренции да постапуваат во вакви случаи“, праша генералниот секретар на опозициската партија.
Јанушев го наметна и прашањето дали другите релевантни институции дале свое мислење во однос на постапката.
„Дали останатите релевантни институции од коишто имаме сериозни индиции и сознанија дека е планирано да се врши наплаќање, тоа се М-НАВ, агенцијата за цивилно воздухопловство, агенцијата за државни патишта, но и приватниот концесионер на аеродромите ТАВ, дали се воопшто прашани и дали дале свое мислење во однос на целата оваа постапка, зошто од целото она што можевме да го разбереме е дека дел од наплатата ќе бил од патарините, а дури имаше шпекулација дека за таа цел ќе има зголемување за износот за патарини“, додаде тој.
Запраша и дали агенцијата за цивилно воздухопловство е консултирана за сето она што се случува во М-НАВ, бидејќи, како што рече, еден дел од надоместокот е планиран да биде од патничката карта на аеродромите.
Според генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, ова е уште еден класичен начин на владата во заминување да проба да испумпа пари од државата.