Млеката на хрватската компанија „Дукат“ се повторно достапни на македонскиот пазар по двојната проверка за нивната безбедност и здравствена исправност.
Компанијата информира дека новата пратка на млеката која од денеска се испорачува во трговските објекти, покрај сите редовни микробиолошки контроли на млекото кои се спроведуваат согласно законските прописи и правилници, успешно го поминале и новиот систем за контрола на присуство на микотоксини во суровото млеко од фармите.
Компанијата Дукат дополнително го воведе овој систем за контрола во сите свои производствени капацитети.
Враќањето на млеката на Дукат во трговската мрежа во Македонија се случува откако претходно претставништвото на компанијата во Македонија самостојно, без барање од страна на надлежните институции, донесе одлука времено да ги повлече од продажба сите млека од овој бренд. Одлуката беше донесена со единствена цел да се задржи високото ниво на доверба кај потрошувачите во квалитетот и безбедноста на млеката на Дукат.