Денеска со почеток од 14:00 часот на Националната Арена „Филип Втори“ силите ќе ги одмерат нашиот најтрофеен клуб Вардар и тимот на Шкендија во последниот натпревар од 20. коло од ПМФЛ.
Овој дуел требаше да се игра во неделата во вечерен термин од 19:30, но беше презакажан за денес поради безбедносната ситуација.
Составот на Вардар нема право на грешка. „Вардарци“ немаат победа три месеци или вкупно на 8 натпревари вклучувајќи ги и подготвителните во зимскиот период. Нема повеќе изговор. Оваа лоша серија без победа мора да се прекине. Денес се очекува да дебитира и Ацо Стојков кој е најголемото засилување за „црвено-црните“ во зимскиот преоден рок.
Од таборот на Вардар очекуваат победа, со оглед дека тетовскиот тим помина во низа проблеми со кои се соочување кон трансформацијата во „АД“ и примопредавањето во клубот. Во Шкендија повторно се врати тренерот Шаќири, но останува да видиме колку тој ќе ги консолидира редовите на тетовци.
Голема поддршка на Вардар се очекува и од трибините каде популарните „Комити“ ќе го бодрат својот тим, додека навивачите на Шкендија, „Балистите“ нема да присуствуваат на овој меч кои добија забрана за гостување во Скопје поради безбедносни причини.