Организирање предвремени парламентарни избори ќе биде во фокусот на лидерската средба закажана за попладне во 17 часот во претседателската резиденција „Вила Водно“, иницирана од претседателот Стево Пендаровски, откако државава не доби датум за почеток на преговори за членство со Европската унија.
Лидерската средба организирана од Претседателот Пендаровски е првата средба во овој формат од независноста на државава. Имено лидерска средба организирана од Претседател на тогашна Република Македонија, а сега Република Северна Македонија без учество на меѓународен фактор не се случила.
Пендаровски добил позитивен одговор од сите поканети – лидерите на најголемите парламентарни политички партиии од власта и од опозицијата. Речиси сите од нив во пресрет на средбата побараа предвремени избори, власта насока од народот за идниот пат на државата и нов мандат за да ги продолжи реформите, а опозицијата казна за Владата за неуспехот за почнување преговори со ЕУ и доверба за, како што велат, нов почеток за државата.
Премиерот Зоран Заев вчера оцени дека со негативната одлука на ЕУ е направена историска грешка и најави дека на лидерската средба ќе побара организирање брзи предвремени парламентарни избори, на кои, како што потенцираше, граѓаните ќе кажат по кој пат ќе одиме понатаму.
-Народот ни даде мандат и честа да го водиме и тој сега ќе одлучи дали продолжуваме по истиот пат. Ако е така, јас барам одново чист и отворен мандат за да ги продолжиме реформите. Не сме сјајни, имавме грешки, но нема друг пат. Сѐ друго е ќор-сокак, сѐ друго е крив пат и нешто во кое се вртевме во круг 27 години. Ја донесов одлуката вчера откако се консултирав и со повеќе луѓе, со коалициски партнери, рече Заев во обраќањето во кое објави дека ќе бара предвремени парламентарни избори.
Повекувањето од премиерската функција, како што рече, ќе биде во согласност со законот и според тоа каков договор ќе биде постигнат за воспоставување на т.н. Пржинска влада.
-Ќе се почитува Пржинскиот принцип, терминот ќе го договорат лидерите, а народот треба да одбере по кој пат ќе одиме: кон демократски развој и просперитет или кон изолација и национализам, рече Заев.
Кога точно би биле предвремените избори ќе се разговара на средбата кај претседателот, а за одлуката да бидат предвремени се консултирал и со коалицискиот партнер Али Ахмети. По лидерската најави консултации со сите коалициските партнери.
Неговиот политички опонент Мицкоски очекува на лидерската средба да се постигне договор за предвремени парламентарни избори кои за него се прифатливи само со законски пропишаното формирање техничка влада. Не е убеден во изјавата на Заев за брзи избори и смета дека таа може да се промени.
– Законот е јасен, се знае што значи парламентарни избори, што значат закони во парламентарни избори итн. Треба тоа едноставно да се испочитува и веднаш да ги распишеме и да формираме техничка влада, технички премиер и да одиме на предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски на партиски настан вчера во Гостивар. Повтори дека се потребни избори „не само за власт, туку за да направиме нешто што ќе ја определи иднината и развојот на оваа држава“.
Неговите ставови владејачката СДСМ ги прокоментира со прашање – Дали сака да побегне од предлогот за брзо соочување на предвремени парламентарни избори? -Со месеци Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бараат итни предвремени парламентарни избори, а денеска кога има конкретен предлог, тој измислува изговори.Очигледно Мицкоски знае дека нема поддршката кај граѓаните и дека го очекува нов пораз, оцени СДСМ во реакција.
По недобивањето датум за преговори со ЕУ изборите, како што изјави вчера лидерот на ДУИ Али Ахмети се најдобро решение.
– Мислам дека најдоброто решение за нашата земја е да се оди на вонредни избори. Јас би сакал да не се бара вина бидејќи е неприфатливо да се прифати неправедна вина. Вината не се наоѓа кај земјите аспиранти и најдоброто решение е да се направи нова понуда за граѓаните, изјави Ахмети, порачувајќи дека по негативната одлука на Брисел не треба да очајуваме, туку да се организираме и да бидеме поуспешни во почнатите реформи.
Што побргу да се закажат предврмени избори побара и партијата Алтернатива, кои, како што вели лидерот Африм Гаши, ќе го потврдат ставот на граѓаните за своите посакувани претставници.
Политичката партија Алтернатива, по негативната одлука за преговори за членство на држвава со Европската унија побара што побргу да се прогласат предвремени избори, кои, како што вели лидерот Африм Гаши, ќе го потврдат ставот на граѓаните за своите посакувани претставници. Пред тоа бараат да се редефинира Изборниот законик и да се прочисти Избирачкиот список. – Фактот што вратата на интеграцијата на државата за Европската унија е пред сериозна пречка, е доволен повод земјата да оди на неопходни предвремени избори, смета Гаши.
За Алијансата за Албанците е добра вест што ќе има предвремени парламентарни избори. Лидерската средба, информираше партискиот портпарол Флакран Беџети, ќе биде прилика за усогласување меѓу партиите како да се одвива изборниот процес.
-Ние сме убедени дека на државата и треба нов политички легитимитет при што ќе дојдат политички сили што ќе имаат кредибилитет да ја сносат одговорноста и во најскоро време да се добие датумот кој, на некој начин, ги разочара сите наши граѓани. Како Алијанса за Албанците сме подготвени за предвремени избори со силно убедување дека ќе ги поразиме политчките противници, односно ДУИ, кои подолго време – две децении ги претставуваат гласачите Албанци, вели Беџети.
Претходно, претседателот на Беса, Билал Касами го оцени како неуспех на власта недобивањето на датум за почеток на преговори со Европската унија, побара оставка од Владата и предвремени парламентарни избори.
-Иако оваа Влада дојде со многу ветувања, таа не остварува скоро ништо и ја испраќа земјата многу чекори назад. Од денес, земјата е во длабока криза, а надминувањето на оваа криза се решава со колективна оставка на оваа Влада и земјата што е можно поскоро да оди на предвремени парламентарни избори, рече на прес-конференција Касами.
Претседателот Пендаровски во обраќањето до јавноста по негативната одлука од Европскиот совет порача дека сега е време да се покажа единство околу стратешката ориентација на државата, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања.
– Во овие моменти, најмалку што ни е потребно, е нашето незадоволство да го насочуваме кон одредени земји членки на Унијата и без потреба да ја трошиме енергијата во креирањето на политички тензии. Токму затоа, во името на нашата иднина ги повикав раководствата на најголемите политичките партии, за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата, рече шефот на државата.