Велешкото прваче не е единствено, откриени 139 невакцинирани и 398 делумно вакцинирани првачиња

Од:

Со вонредни инспекциски надзори во училиштата во земјата биле откриени 139 невакцинирани првачиња и 398 делумно вакцинирани, дознава „А1он“. Државните санитарни и здравствени инспектори вонредните надзори ги правеле во текот на септември годинава. Предмет на надзорот била состојбата со вакциналниот статус на учениците во прво одделение во училиштата во државава.

„Од извршените надзори констатирана е следната состојба: од вкупно запишани 16.856 ученици во прво одделение, 16.319 се комплетно вакцинирани, 398 се делумно вакцинирани и 139 се невакцинирани“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“.

Случајот со невакцинираното прваче во ООУ „Блаже Конески“ во Велес првпат бил регистриран во октомври 2017 година кога санитарните инспектори повеле постапка за порамнување. Родителите одбиле вакцинација, па инспекторите поднеле барање за прекршочна постапка на 31.10.2017 година, а во февруари родителите платиле глоба од 160 евра. При вонредниот надзор на 25 септември годинава санитарните инспектори констатирале дека детето посетува настава.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека сè уште нема казни за родителите чии првачиња не се комплетно вакцинирани.

„За бројот на казнети родители чии деца не се комплетно вакцинирани, а посетуваат настава во прво одделение, Инспекторатот поведува инспекциска постапка кога ќе добие писмено известување од вакциналните пунктови со неопходните податоци за родителот/старателот на детето. Во тек е постапка за прибирање податоци“, велат од Инспекторатот.

Директорот на ООУ „Блаже Конески“ во Велес, Јованче Манасков, јавно ги повика министрите за здравство и за образование да најдат решение за невакцинираните првачиња и да дадат насоки како да се постапува во ваквите случаи. Тој во четвртокот минатата недела повикал полиција во училиштето по неговото барањето родителите да си го земат невакцинираното прваче дома пред да почне приредбата на која свечена заклетва давале првачињата.

Мајката на невакцинираното прваче од велешкото училиште најави дека по инцидентот во четвртокот, и детето и тие се премногу трауматизирани за да го донесат на настава и остави институциите да го решат проблемот.

Од Министерството за здравство велат дека решение треба да најде Министерството за образование, а Министерството за образование, пак, не одговара на прашањата за инцидентот со првачето од Велес и за евентуални обиди да се најде решение за невакцинираните првачиња чии родители се соочуваат со казни и за одбивањето да ги вакцинираат децата, од една страна, а ги чекаат казни и за незапишани деца на училиште, од друга.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат при вонредните надзори во училиштата вршел увид во потврдите за вакцинален статус само на учениците во прво одделение бидејќи законска обврска на училиштата е да бараат потврда за вакцинален статус при упис во прво одделение.

Би можело да ве интересира

Двајца велешани нападнале полицајци, насилниците завршиле во станица

Горан Наумовски

Измамема жена од Велес, останала без 600 евра

Велешанец проголтал дрога за да ја сокрие од полиција, па завршил во болница

Горан Наумовски

Во Велес утре Ден на жалост поради тројцата велешани кои настрадаа во сообраќајка

Маж и жена шверцувале дрога на релација Скопје-Велес

Горан Наумовски

Се загади воздухот во Велес од пожарите на планините Мукос и Бабуна

Предраг Петровиќ