На пратеничката Фросина Ременски и на таткото на Бојан Јовановски – Боки 13, Миле Јовановски, ќе им бидат одземени пасошите, тие ќе имаат забрана да го напуштаат живеалиштето (градот Скопје) и ќе мора повремено да се јавуваат кај определено службено лице во судот. На асистентката на Миле Јовановски ќе ѝ биде одземен пасошот.
Ова е одлуката на Основниот кривичен суд, откако денеска тројцата осомничени во проширената истрага за случајот „Рекет“ беа пред судија на претходна постапка. И Ременски и Јовановски по излегувањето од судот изјавија дека не чувствуваат вина за случајот и дека не биле инволвирани во нелегални активности.
За истиот случај, на заменичката на Бојан Јовановски во „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, вчера ѝ беше определена мерка куќен притвор.
Според обвинителството, Јовановски, Ременски, Мандиќ, таткото на Јовановски и неговата асистентка, биле вмешани во спорен трансфер на околу 720.000 евра преку две градежни фирми до „Меѓународниот сојуз“.
Според обвинителството, првосомничениот Боки 13 како претседател на невладината организација, од Силјан Мицевски, директорот на градежната фирма „Пелистер“ му извлекол огромна сума на пари само врз основа на проект за изградба на пензионерски дом во Битола. Вториот бизнисмен за кој Јовановски се сомничи дека извлекол пари на истата основа е Ардијан Амзоски, сопственик на фирмата „Дрим билдинг“.
За сето ова, тој наводно го искористил влијанието и авторитетот на Ременски како претставник на актуелната власт.
„Постапувајќи по предлог на Основнот јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за претпазливост за три лица, по претходно доставени покани, лицата во текот на денешниот ден, пред судија на претходна постапка се произнесоа во однос на предлогот. Ценејќи ги фактите и доказите во предлогот како и исказите на осомничените лица, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените Ф.Т.Р. и М.Ј. им определи мерки согласно член 146 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП односно, Забрана зе напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, додека за Х.Б. мерка за претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 – Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред кривичниот совет“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.