Грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос изрази воздржаност во однос на очекувањата од новата рунда преговори со медијаторот Метју Нимиц за прашањето за името на Македонија.
– Политичката криза и изборите во Скопје не тераат да бидеме воздржани. Кризата го потврди тоа што го зборувавме кога беше објавен извештајот на Европската комисија во октомври: опасно е проблемите да се кријат под тепих, изјави Аврамопулос во интервју за неделното издание на „Катимерини“.
Прашање на време беше кога властите во Атина и официјално ќе го потврдат она што меѓу редови се провлекуваше во грчките медиуми – дека Грција ќе ја искористи во своја полза политичката криза во Македонија.
– За функционална демократија според стандарите на ЕУ не е доволно само да се усвојат закони кои остануваат на хартија. Реформите мора да бидат спроведени во пракса, изјави Аврамопулос и дипломатски додаде дека грчките власти сакаат „во соседната земја да превладеат стабилноста и функционалниот демократски систем“.
Шефот на грчката дипломатија и овој пат не пропушти да го спомене Меморандумот за разбирање, кој Атина го испрати на Скопје како знак дека „Грција покажала дека сака и оти работи на решение“ за името.
Според него, токму меморандумот бил причината поради која преговарачкиот процес добил на динамика.
– Повеќето наши партнери го признаваат нашиот конструктивен став. Тоа, исто така, беше отсликано и во едногласната одлука на ЕУ во декември со која се повика на решавање на прашањето за името пред да се почнат преговори, рече Аврамопулос.
Интервјуто на Аврамопулос за „Катимерини“ доаѓа само неколку дена откако истиот весник пишувајќи за најавите за реконструкција на грчката Влада откри дека според едно од сценаријата, лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос најверојатно ќе ја преземе функцијата шеф на грчката дипломатија.
Провладиниот весник изминатиов викенд повторно пишуваше за реконструкцијата на Кабинетот на Самарас, но овој пат, во исто време со интервјуто со Аврамопулос, напиша дека „при промените во Владата, речиси е сигурно дека некои функционери ќе си ги задржат позициите“, меѓу кои и министерто за финансии Стурнарас и за надворешни работи Аврамопулос.