Израелскиот амбасадор зачуден: Една година чекам одобрение за споменик на Евреите во Битола

Од:

Од октомври минатата година израелскиот амбасадор во Македонија чека одобрение од Општина Битола за поставување споменик на Еврејските гробишта во Битола. Споменикот е веќе направен, има форма на сончев часовник во жолта боја, но место на планираната локација во центарот на гробиштата, тој стои во дворот на фирмата каде што бил изработен.

Израелскиот амбасадор, Дан Оријан, е зачуден од незаинтересираноста на институциите да го реализираат проектот за кој вели дека може многу да придонесе за развојот на Битола.

„Не можам да разберам зошто толку долго траат административните процедури за поставување на споменикот. Сè е спремно и зависи само од Општината, но одговор немаме. Никаков. Овој споменик за нас има емотивно значење, но и Битола ќе има многу голема корист од него. Евреите сакаат да ги посетат гробовите на роднините, па замислете колкав придонес би имал еден ваков споменик само за туризмот во градот“, вели амбасадорот Оријан за „А1он“ и нагласува дека покрај споменикот, планираат да засадат и по едно дрвце за секој депортиран Евреин од Битола, на кое ќе стават и табличка со името, што смета дека многу ќе им значи на роднините.

Споменикот е само дел од проектот за ревитализација на Еврејските гробишта и новно трнасформирање во Спомен парк.Овој проект вклучува 15 локации за поставување раскажувачка  уметност, во чиј центар ќе биде овој споменик споменикот, а вклучува и заштита уредување, документација и дигитализација на надгробните плочи. Партнери во проектот се амбасадорот Оријан, Здружението за одржлив урбан развој АРХАМ, Општина Битола, Фондот на холокаустот на Република Македонија и Еврејската заедница на Република Македонија.

Марија Герас-Дочовска, тим-лидер на проектот, вели дека по една година чекање на конечното решение за поставување на споменикот, губат надеж дека ќе се реализира проектот.

„Општина Битола, од партнер во проектот, стана негов кочничар. Мислам дека цело време Општината се обидува да му ја префрли надлежноста за зачувување и трансфромација на гробиштата надруг од едноставна причина – ако ја превземе надлежноста, ќе треба да се грижи и за одржувањето за што немадиректни приходи бидејќи за овие замрени гробишта никој не плаќа гробарина. На решение за поставување на споменикот чекаме од октомври 2018 година. Барањето го поднесовме во јуни 2018, но надвор од сите пишани процедури ни побараа мислење и од Управата за заштита на културното наследство, во кое ќе стои дека споменикот нема да го загрози историското наследство. Писмено ни ветија дека штом го добиеме мислењето, ќе ни го дадат конечното решение. Им го доставивме лани во октомври, но решение за поставување на споменикот сè уште чекаме. Споменикот е готов, купен е и цементот за постаментот којшто ако не го употребиме оваа есен, ќе треба да го фрлиме, а да не зборувам за петгодишниот ангажман на луѓето за оваа идеја, како и за парите што сите ги даваме дававме од својот џеб “, вели Герас-Дочовска за „А1он“.

Споменикот треба да биде поставен во средината на Еврејските гробишта во Битола

Само изградбата на споменикот чини 60.000 евра обезбедени со повеќе донации. Споменикот е авторско дело на еврејскиот уметник Мати Грунберг, кој потекнува од Македонија. Делото го подарил на Меморијалниот парк на Еврејските гробишта. Идејата за трансформација на гробиштата  е на доктор Хаим Абраванел од последното еврејско семејство во Битола, кој си заминал за Израел, па замрела и идејата. Првпат идејата за споменикот се појавила во 1959 година, но до реализација не дошло. Имало и втор обид во 1998 година кога Општината решила да ги пресели гробиштата на друга локација, а на нивно место да направи населба. Обидот на Општината бил спречен, гробиштата биле вметнати во ГУП како спомен-парк, а третиот обид е од 2015 година кога почнале сериозните подготовки за изработка на споменикот. Во меѓувреме, Советот на Општина Битола изгласал одлука за поставување на споменикот, а годинава, пак, општинарите испратиле барање до Министерството за транспорт и врски да издадат решение за поставување на споменикот.

Делегација од Израел на влезот на Еврејските гробишта во Битола

Од Министерството велат дека веќе им укажале дека споменици како овој не се надлежност на Министерството за транспорт и врски.

„Општина Битола на 27.8.2019 година, преку информацискиот систем е-одобрение за градење, до Министерството за транспорт и врски поднесе барање за издавање решение за изведување на градбата ‘Спомен-обележје – Сончев часовник’. По разгледувањето на барањето и извршениот увид во доставената документација, прилозите и доказите со барањето, како и одредбите од Законот за градењето, со кои се утврдуваат надлежностите на органите кон нивната категорија, од страна на Министерството за транспорт и врски констатирано е дека тоа не е надлежно за издавање на бараното решение за изведување ваков вид градби. Поради тоа, на 19.9.2019 година Министерството за транспорт и врски го отфрла решението поради ненадлежност“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Амбасадорот Дан Оријан и Марија Герас-Дочовска, тим-лидер на проектот за споменикот се најактивни за реализација на идејата

Дочовска вели дека успеале да дознаат оти Општината го обжалила решението во Државната комисија за одлучување во управна постапка.

„И Комисијата им укажала дека надлежноста е нивна и дека треба да издадат решение за поставување на споменикот, но ние сè уште чекаме“, вели Герас-Дочовска.

Општина Битола не одговори на прашањата од „А1он“ зошто не одговара на барањето за поставување споменик на Еврејските гробишта.

Проектот е поддржан и од Министерството за култура кое во 2016 година донирало 400.000 денари за идејно-архитектонското решение на комплексот Еврејски гробишта како Меморијален парк, а уште толку обезбедиле и амбасадорот на Израел со здружението АРХАМ. Средства за откривање и документација на гробовите, изградба на Ерусалемската патека, како и дополнително 60.000 евра за споменикот – сончев часовник биле обезбедени преку странски донации и средства од Фондот на Холокаустот.

Еврејските гробишта во Битола се на површина од 42.000 квадратни метри. Во рамките на проектот за нивно уредување досега биле откриени, исчистени и со ГПС регистрирани околу 4.700 гробови, кои се половина од вкупниот број. На 1.500 од нив читливи се епитафи во кои се опишани животните приказни на починатите. Во нивното толкување биле вклучени лингвисти, познавачи на еврејската култура, експерти за читање симболи, археолози и архитекти, а сè што е откриено веќе е дигитализирано.

Иако домашниот водечки партнер АРХАМ веќе губи надеж дека проектот ќе се реализира, амбасадорот Дан сè уште е оптимист. Се надева дека на следниот Марш на животот во март 2020 година сите заинтересирани Евреи ќе може да го посетат споменикот на гробиштата оти за него веќе знаат.

„На влезот во Министерството за надворешни работи во Ерусалим веќе е поставена слика од споменикот што треба да се постави во Битола. Секој што влегува во Министерството го гледа. Јас сè уште се надевам дека ќе успееме да го видиме на вистинското место“, вели амбасадорот Оријан.

Би можело да ве интересира

Татко од Битола секојдневно си ги тепал и ги малтретирал децата

Битолчанец киднапирал 24-годишна жена и ја тепал

Битола по теркот на светските џез сцени: Национален Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски – Шпато со изведби посветени на Реј Браун

Предраг Петровиќ

Планирал да го нападне Еврејскиот центар во Њујорк, одбрал симболичен датум

Поголем дел од Битола без вода за пиење

Катерина Ѓуровски

Пет „Ер трактори“ и еден канадер ќе интервенираат на пожарот во Битола