Според истражувањето што го реализираше Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа – Универзитет од Ријека вд Хрватска во рамки на проектот „Права на работа, работата за правата”, нивото на информираност на младите за нивните работнички права се на многу ниско ниво. Истражувањето е спроведено на илјада млади вработени во јавниот сектор.
Следејќи ги потребите на младите, анкетирани обучени едукатори – млади активисти на синдикатите од вклучените земји, во текот на летото разговарале за најразлични теми кои ги засегаат младите, како што се мобингот, правото на породилно отсуство, боледувањето, употреба на слободни денови за дополнително образование и многу други прашања од областа на Законот за работните односи што ги интересираат младите вработени. Повеќе од 200 млади луѓе од државава досега учествувале на овие работилници и добиле информации од прва рака.
Како што информира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), изработен е информативен и едукативен видео материјал, но и брошура „Водич низ правата од работен однос на младите, појави кои ги загрозуваат и механизмите на заштита” која е со бројни примери од пракса, а направена е на јазик разбирлив за младите.
– Резултатите од овој проект, заеднички со препораките за продолжување на оваа тема не се важни само за младите луѓе, туку и за сите вработени, а ќе биде претставен на завршната конференција која ќе се одржи во Београд на 28 и 29 ноември, со претставници на меѓународни институции и државните органи од секоја држава, изјави Бојан Трипуноски, претседател на Секцијата на млади при Синдикатот на УПОЗ, национален координатор од Северна Македонија.
Идејата, како што соопшти Синдикатот на УПОЗ, е да се подигне свеста на младите вработени, со цел да се подигне свеста и во работното опкружување.
Синдикатот на УПОЗ е еден од десетте партнери од синдикатите, младинските организации и образовниот сектор, кои учествуваат во реализација на проектот „Права на работа, работата за правата”.
Проектот се имплементира од декември 2018 година, со поддршката од Европската унија, преку програмата Ерасмус+ во младинскиот сектор, а младите од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцегоина, Црна Гора, Хрватска и Словачка имале можност детално да се информираат за своите работнички права, како истите да ги користат во работното опкружување, но и да ги препознаат негативните појави и достапноста на механизмите на заштита, се наведува во соопштението на Синдикатот.