Танјуг – Белград
Грета Тунберг, тинејџерката која повторно е во центарот на вниманието на јавноста поради нејзиното обраќање на Самитот на Обединетите нации за климатските промени во Њујорк, кога на светските лидери им порача дека „поради нивните празни зборови, планетата умира“, предизвика спротивни реакции во јавноста, од громогласни аплаузи до оспорувања и тврдења дека со неа „манипулира алчна мајка и експерт за односи со јавност“.
Девојчето од само 16 години само за една година стана „лице на борбата за спас на планетата од глобалното затоплување“, а вчера беше објавено дека таа е една од добитниците на „алтернативниот Нобел“, наградата Рајт Лајвлихуд, за нејзините „инспиративни барања за итна акција против климатските промени, кои се засноваат на научни факти“.
Во образложението на фондацијата што го доделува признанието се наведува и дека „примерот на Грета, која е номинирана и за Нобелова награда, покажува дека секој има сила да донесе промени“ и оти нејзиниот пример „инспирирал и охрабрил многу луѓе да бараат политичка акција“.
Грета стана позната низ светот на 15 години, затоа што минатата година секој петок бегаше од училиште и пред шведскиот Парламент протестираше против климатските промени. Нејзиниот пример го следеа врсници низ светот и така настана глобалното движење „Петок за иднина“.
Набргу Грета беше прогласена за „икона на активизмот“ и „климатска жена воин“, која дискутира рамо до рамо со водечки експерти, но се појавија и прашања „кој профитира“ од нејзиното ангажирање. Дежурните скептици побараа одговор во семејното стебло на девојчето.
Мајката на Грета е оперска пејачка и учесничка на „Евровизија“, Малена Ернман, а татко ѝ е актерот Сванте Тунберг. Грета раскажа дека на осум години првпат дознала за климатските промени и тогаш прашала „зошто возрасните тоа не го сфаќаат сериозно“.
Наводно, тоа бил еден од факторите што довеле до тоа на 11 години да се разболи од депресија. Престанала да јаде, да оди во училиште и да зборува со сите освен со членовите на семејството и наставникот.
Тогаш е утврдено дека има Аспергеров синдром (облик на аутизам), опсесивно компулсивно нарушување и селективен мутизам, што, според нејзино објаснување, значи дека „зборува само кога чувствува дека е потребно“ и оти сфатила дека „мора да зборува за климатските промени“.
Според официјалната биографија достапна за медиумите, родителите на Грета се откажале од своите кариери за да се грижат за неа и нејзината сестра Бети, која исто така страда од Аспергеров синдром и опсесивно компулсивно нарушување.
Кога Грета минатата година почна со протести пред шведскиот Парламент, експертот за односи со јавност и активист за животна средина Ингмар Рентог објави фотографија од неа на својот фејсбук-профил. Приказната ја водеше локален весник и стигна до светските медиуми, а во исто време беа направени и првите обвинувања против мајката на Грета, Малена, дека со помош на Рентог дизајнирала кампања за промовирање на книгата за борбата на нејзината ќерка со бројните дијагнози.
Британскиот магазин „Стендпоинт“ објави дека Рентог не случајно налетал на штрајкот на Грета, туку во договор со Малена, со која разговарал на конференција за клима, неколку недели претходно. Еден од „доказите“ на таа теорија беше фактот дека вредноста на зелената компанија на Рентог – „Немаме време“ скокна на повеќе од еден милион долари веднаш штом Грета се приклучи во нејзиниот младински одбор.
Иако Грета подоцна се повлече од бордот, во јавноста беа обвинети дека нејзината мајка „сфатила дека придобивките што таа може да ги добие од славата на нејзината ќерка го надминуваат промовирањето на книгата“.
Германските медиуми, исто така, внимателно го следеа качувањето на Грета до врвот на светската популарност.
Така, Дојче веле забележа дека оваа шеснаесетгодишна девојка има изразени заеднички особини со популистите – совршено ги поедноставува комплицираните теми и го дели општеството.
„Секогаш истите стереотипи: од една страна, постои општество на возрасни кои ги уништуваат климата и животот, од друга страна, млади луѓе кои се грижат за иднината, иако живеат во богати индустриски земји. Ним не им се важни различните интереси. Не ги интересираат грижите за работните места. Грета и нејзиното движење се нова верзија на популизам. Светот е поделен на црно и бело, добро и зло, младо и старо“ – напиша германскиот весник „Ротлингер генерал анцајгер“, а пренесе Дојче веле.