Меѓународната бонитетна агенција „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Италија за еден степен, од А- на ВВВ+, додавајќи дека прогнозата на рејтингот на оваа земја е негативна.
„Фич“ укажа и на неизвесните резултати од парламентарните избори во Италија, поради кои е малку веројатно дека во следните неколку недели ќе биде формирана стабилна нова влада.
Агенцијата нагласува и дека рецесијата во Италија е една од најдлабоките во Европа, предупредувајќи дека политичката неизвесност и идните структурни реформи, кои се под знак прашање, претставуваат ризици кои и се закануваат на реалната економија.
„Фич“ предвидува дека јавниот долг на Италија, кој е меѓу најголемите во Европа, оваа година ќе достигне рекордни 130 отсто од бруто домашниот производ, во однос на претходната прогноза од 125 проценти.