Во сведочењето за масовното прислушување во предметот „Таргет Тврдина”, ексразузнавачот Зоран Верушевски сведочеше дека во 2010 година ги добил првите информации за „бомбите“. На почетокот на сведочењето рече дека останува на исказот што го дал пред обвинителот за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч”.
На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски, рече дека се’ убаво објаснил во исказот кој го дал по неговото апсење во случајот „Пуч“.
Верушевски кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил сензитивни информации со кои постапувал: „До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“.
Верушевски појасни дека никакви материјали не му предал Ѓорѓи Лазаревски и дека одговорноста за материјалите била на партијата, поточно на лидерството. „Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев“, рече Верушевски.
„Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година“, рече Верушевски. Лазаревски и Костовски сведочеа различно од Верушевски.
„Документацијата е цело време во партијата и со неа управува претседателот на партијата“, кажа ексразузнавачот на денешното рочиште.
„Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку кај политичката партија“, кажа Верушевски пред судот. Тој кажа дека откако го уапсиле бомбите доживеале промени.
„Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода“, сведочеше Верушевски.
Верушевски, кој е четврти сведок на СЈО во постапката, кажа дека исказот на Ѓорѓи Лазаревски пред Обвинителството за случајот „Пуч“ бил целосно невистинит.
Следното рочиште кога адвокатите на обвинетите Мијалков, Јанкуловска, Јакимовски и останатте ќе го испрашуваат Верушевски е закажано за 10 октомври.