Како идна локална власт, нашиот концепт на работа ќе се базира на креативни и продуктивни идеи, мерки, решенија и проекти, но и на кадри кои знаат и умеат, луѓе чесни и трудољубиви, рече на денешната пресконференција, кандидатот за градоначалник на Битола од „Сојузот за Иднината“, Менде Диневски.
„Ако претходно Ви ги претставивме 16-те ТОП проекти за поубава Битола, заедно со кандидатите за советници, денес ќе Ви презентираме еден приоритет, со единствена цел да Ве запознаеме со предностите и бенефитите кои истиот ги овозможува.
Планскиот концепт на Генералниот урбанистички план е стар 38 години и не соодветствува со актуелните потреби на нашата општина – просторни, сообраќајни, па и економско развојни.
Последните измени се направени 1999 година со што границите на овој ГУП се веќе нереално тесни,потребата за развој се реализира надвор од постојните граници што резултира со дивоградби.
Исто така, постојниот ГУП ги отфрла блиските населени места и населби надвор од градот, па денес Кравари, Оризари, Буково, Лавци, Брусник сеуште спаѓаат во селски средини, што не одговара на нивниот реален развој.
Со еден збор – актуелниот ГУП го кочи развојот на Битола, го гуши нашиот град, истиот повеќе личи на искината карта која е крпена со стотици парчиња и за жал тој не беше приоритет ниту на локалната ниту на централната власт во изминатите 8 години.
Токму затоа, во првата година од нашиот мандат ќе се направи нов концепт за развој на Битола, нова и комплетна ажурирана геодетска подлога, како и дигитализација на постојниот.
Ќе биде променета сообраќајната карта на Битола со нов пристап кон решавање на сообраќајните коридори, посебно оние кои водат кон централното градско подрачје, со што ќе се овозможи побрз и посигурен проток на сообраќајот и соодветна заштита на животната средина.
Населените места Кравари, Оризари, Буково, Лавци, Брусник и други ќе бидат дел од градот, а за истите ќе бидат обезбедена соодветна инфраструктура и неопходни објекти. Во новиот ГУП ќе бидат обезбедени што е можно повеќе домови за стари лица, спортски терени, рекреативни зони, туристички локалитети, хотелски комплекси, објекти за времено сместување, повеќе видови на културни институции, плоштади.
Со изработката на новиот ГУП ќе бидат овозможени современи урбани услови за поттикнување на инвестиции кои ќе овозможат вработување на многу наши сограѓани. Време е заедно да се избориме за нашата иднина, за нашата Битола“, изјави Менде Диневски.