Екипата на Манчестер Јунајтед ќе биде без двајца свои главни играчи на утрешниот дуел против Лестер Сити, откако менаџерот на тимот, Оле Гунар Солскјер, потврди дека Пол Погба и Антони Марсијал нема да играат на натпреварот.
Погба доживеа удар за време на последниот натпревар на „црвените ѓаволи“ против Саутемптон пред две недели, а повредата го извади од натпреварите на репрезентацијата на Франција и играчот од средниот ред се уште не е целосно опоравен и нема да игра утре.
Марсијал, од друга страна, претрпе повреда на тетивата при поразот од Кристал Палас и исто така нема да учествува на натпреварот. На денешната прес-конференција Солскјер откри и дека дефанзивците Арон Ван-Бисака и Лук Шо се под знак прашалник, но Норвежанецот се надева дека ќе може да смета и на двајцата. Офанзивниот играч од средниот ред Џеси Лингард, кој ги пропушти мечевите за Англија поради болест, сè уште не е на 100 проценти, но би можел да биде во групата за натпреварот.
„Имаме многу квалитет и длабочина во составот, па ќе бидеме добри. Натпреварите против Лестер се секогаш тешки. Тие се тим што ќе сака да се натпреварува за топ 4 оваа сезона. Имаат добри играчи и многу добар менаџер кој се докажа во Премиер лигата. Неговите екипи секогаш играат добар фудбал и знаеме дека ќе мора да настапиме на високо ниво за да ги заработиме трите бода, прокоментира Солскјер.
Во исто време, менаџерот на Лестер, Брендан Роџерс откри дека ќе може да смета на сите играчи во неговиот состав.
Манчестер јунајтед се соочува со Лестер Сити во натпревар од петтото коло во Премиер Лигата утре со почеток во 16 часот по македонско време.