Катанец е ставен на влезната врата на телевизијата „1 ТВ“, чиј што неформален сопственик е Бојан Јовановски. Вработени во телевизијата за „А1он“ велат дека стотина вработени и ангажирани немаат земено две плати за јули и август и дека не знаат што понатаму ќе се случува. Очекуваат за медиумот да биде поведена стечајна постапка.
Од завчера „1 ТВ“ не емитува програма. Ако телевизијата не емитува програма во наредните 30 дена, ќе ѝ биде одземена дозволата за работа, во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Кон крајот на јули годинава, кога Бојан Јовановски беше уапсен за случајот „Рекет“, вработените заминаа на колективен одмор, но неколку дена подоцна продолжија да емитуваат програма, како што рекоа, на своја иницијатива.
Според неофицијалните информации, поради големиот број долгови и неможност да се покријат ниту режиските трошоци, телевизијата од завчера престана да зрачи во етерот.
„1 ТВ“ беше отворена лани во март. Сопственик на телевизијата е фирмата БМЈ Медиа Груп, каде што како сопственици се јавуваат Јасна Ерцеговиќ Мандиќ и таткото на Боки 13, Миле Јовановски.
Веб-страницата на телевизијата сè уште е во функција.