„Со трите пратеници од дијаспората, избрани со по 500-ни гласови,Груевски ја зголеми својата гласачка машинерија со три горди, послушни и молчеливи притискачи на копчиња во Парламентот.Пратениците од дијаспората, поаѓајки од народната поговорка “Молчењето е злато” својот едногодишен молк во Парламентот го позлатија со илјадници евра народни пари. Секако, најголеми губитници и овој пат, се македонските граѓани, како оние од земјата, така и оние од дијаспората, рече Роза Топузова Каревска од ЛДП.
ЛДП ја посочува анализата на невладината „МОСТ”, објавена во последното издание на публикацијата „Мојот пратеник”, во која стои дека пратениците од дијаспората Павле Саздов и Милорад Додевски, ниту еднаш не се јавиле за збор на пленарните седници на Парламентот.
„На избраните пратеници од дијаспората, во Законот за пратеници е предвидено покрај платата да им следуваат и други привилегии. Членовите 34-а и 34-б, од законот предвидуваат право на користење на стан со површина од 70-100 м2 , шест пати во годината надоместок за авионски билети до изборната единица, како и дневници за престој во странство, или вкупно еден пратеник од дијаспората ги чини даночните обврзници од Македонија преку 50 000 евра годишно“, вели Топузова Карвеска.
„Затоа ги повикуваме премиерот Груевски и Владата, при подготовката на Изборниот законик, кој се очекува овие денови да пристигне во Собранието на РМ, да бидат внесени сите забелешки од ОБСЕ во насока со гласањето на дијаспората. Да се измени членот 127-а и воведе цензус, односно праг за изборните единици 7,8 и 9, бидејки со сегашниот Закон, постои драстична разлика во бројот на гласовите потребни за избор на пратеници. За илустрација, ако македонската заедница во Австралија има околу сто илјади жители, отприлика колку и една изборна единица во земјата, не може, нивниот пратеник да има легитимитет само со 548 гласа, а неговиот колега од Македонија со над 8 000 гласа.Ако преку непосредни, повеќепартиски избори се остварува една од најзначајните демократски придобивки, бараме државата да му го обезбеди уставно загарантираното право на глас на секој државјанин на Република Македонија“, велат од ЛДП.