Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе се радува да ги покани лидерите на државите од Г-8 во Русија, доколку групата повторно биде создадена во тој формат. Тој, исто така, забележа дека Пекинг и Њу Делхи можат да бидат вклучени во поширока меѓународна група, слична на Г-7, соопштувајќи дека тоа би било правилно и корисно за глобалната соработка.
-Сметам дека денеска сите сфаќаат, а претседателот Макрон пред извесно време јавно кажа дека лидерството на Западот завршува. И не можам да си претставам ефективна меѓународна организација, која работи без Индија и без Кина, објасни Путин.
Тој, исто така, посочи дека за време на последните разговори со Реџеп Тајип Ердоган, турскиот претседател го прашал за можното учество на Турција во Г-7.
Според Путин, откако Анкара ги купи руските системи за противракетна одбрана С-400, Турција, исто така, може да биде решавачки дел од глобалните организации како Г-7.
Јапонскиот премиер Шиндзо Абе од своја страна изјави дека на последниот самит на Г-7 во Бијариц го покренал прашањето за повторното враќање на Русија во групата, подвлекувајќи дека Москва игра клучна улога во меѓународните односи.
Изјавата доаѓа на фонот на кризата во Г-7 – групата на седум водечки светски економии, а американскиот претседател Доналд Трамп и некои европски лидери предложија групата да ја покани Русија назад во своите редови, обновувајќи го форматот Г-8.
Групата од седум држави, формирана во 70-те години на минатиот век, е меѓувладина организација за најнапредните светски економии. Таа стана Г-8, откако во 1997 година и се приклучи и Русија, но се врати во форматот Г-7 во 2014 година, откако членството на Москва беше прекратено заради руската анексија на Крим.