Судот во Картум го обвини поранешниот претседател Омар ал Башир за илегално поседување и користење на странски валути.
Суданската армија го собори Башир од власт на 11 април откако беше на власт 30 години.
– Властите запленија 6,9 милиони евра, 351.770 долари и 5,7 милиони судански фунти во куќата на Башир, средства кои се илегално стекнати и употребувани, изјави судијата Ал Адик Абделрахман.
Тој додаде дека Башир би можел да биде осуден до 10 години затвор за поседувањето на тие пари и до три години за илегални трансакции.
Судењето на поранешниот претседател на Судан почна на 19 август, два дена по потпишувањето на договор за формирање на преодна влада помеѓу армијата и демонстрантите.