Македонската фудбалска репрезентација до 18 години, предводена од селекторот Шкумбин Арслани, го освои третото место во 26. издание на силниот меѓународен турнир Вацлав Јежек во Чешка, каде освен нашата и домашната селекција учествуваа и Украина, Словачка, Латвија и Унгарија.
По освоеното второ место во групната фаза (пораз 2:1 од Украина, и победа 3:2 над Словачка) денес Македонија У18 беше убедлива и со 3:0 ја победи соодветната репрезентација на Унгарија во натпреварот за третото место на овој силен турнир.
– Овие момци го потврдија тоа дека во нив има квалитет кој допрва ќе дојде до израз и потврдија дека победата над Словачка беше заслужена. Жалиме за поразот од Украина, бидејќи бевме подобри, но одиме напред кон нови предизвици. Верувам во овие момци и знам дека можат повеќе. Ова победа му ја посветуваме на нашиот голман Марко Алчевски кој е во процес на рехабилитација по операцијата на коленото. Сите ние му посакуваме што побрзо да се врати на зелените терени”, изјави за веб страната на ФФМ селекторот Арслани.