Оваа владејачка портокалова ДПМНЕ преродба, после шест години мафтање со лажни проекти и виртуелни содржини се разоткри и влегува во уште поголеми празни и неостварливи ветувања, рече Бетијан Китев.
„На лозарите и на сите земјоделци им ветуваше ридови и долини а парите од буџетот на граѓаните одеа исклучиво кај нивните партијски послушници. Лозарите и овојпат останаа само со маката и бедата. Истите лицемери дојдоа за денот на закројување на лозјата, со истата празна книга под мишка, со куп измислици, а во градот по скарите уживаа јадејќи и пиејќи од убавите тиквешки вина направени од грозјето кое го откупија по бедни цени а сеуште не го исплатија родот.
Без срам се смееја пред камерите и ги тапкаа граѓаните по рамена. Луѓето се згрозени, огорчени, разочарани и исплашени. Се прашуваат кој ќе ги заштити од политичката земјоделска мафија? Нема каде да се жалат, државата е метастазирана, институциите не функционираат.
ДПМНЕ-овците на лозарите им даваат два денари а им земаат пет денари. Ете такви се дпмне-овските субвенции. Сведоци сме на невидена политичка и ментална подлост. Соочени сме со највалкана политичка манипулација со вокабулар под секое човечко достоинство.
Ние тоа ќе го спречиме. Лозарите ќе ја добиваат вистинската пазарна цена за нивните производи а притоа ќе бидат стимулирани со додатни бенефиции кои се предвидени во програмата. Ќе им се помага на лозарите а не на рентиерите кои земаат земја под концесија, а потоа ја даваат под закуп на други за да ја обработуваат за нив.
На ваквата гнасна ДПМНЕ-овска политичка игра ќе и се стави крај засекогаш. Земјата ќе биде само на земјоделците. Земјоделците ќе ја имаат целосната наша подршка. Вашиот глас за нас ќе претставува наша обврска број еден.
Лагите на дпмне-овците не поминуваат повеќе кај граѓаните. Сите проблеми во лозарството и во остатокот од земјоделието во општина Кавадарци ќе ги решиме на европски начин со примена на најсовремени методи.
Како градоначалник заедно со Советот од СДСМ и коалицијата, во целот ќе бидеме во функција на решавање со конретни решенија на сите барања на граѓаните. Дојде времето на младоста, одважноста, на младите визионери за среќна иднина СЕГА, за политичката сила на СДСМ заедно со коалицијата, со интелектуален капацитет и умешност одлучно да ги решаваме препреките во интерес на сите граѓани на општина Кавадарци“, изјави М-р Бетиан Китев, кандидат за градоначалник на Кавадарци од СДСМ и коалицијата.