Списанието за литература, култура и уметност „Современост“ од Скопје деновиве ја објави збирката раскази „Чувар на штурци“, 8-ма книга раскази од македонскиот писател Владимир Плавевски која содржи 20 раскази пишувани во 90- те години од минатиот век.
Писателот Стефан Марковски во својот осврт кон збирката, подвлекува дека се работи за кафкаескна или бруношулцовски ориентирана сатира која на мигови тера на згрозување од светот и негова критичка опсервација од нови агли, авторот на мигови знае да ги „покрене цревните движења“ и да го натера читателот кон Сизифов обид за исправање на неправдите.
Изградената личносна и судбински опфатувачката поетика на авторот разоткрива поетика на трансформации и премини, нагли и транзиентни Големи експлозии од кои настануваат нови светови во свеста на подеднакво нестабилните ликови.
Внимателната и постепена изградба на емоционално турбулентен набој е втемелена на постепени, убедливи доловувања на живописните атмосфери од кои како самите по себе да произлегуваат – резултат на вистинскиот редослед и функција на зборовите со кои авторот ниту се расфрла, ниту пак, ги сведува на минимум, како што е тоа случај со поезијата.
Владимир Плавевски е роден 1948 година во Скопје. Дипломирал на Медицински факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 год.
Автор е на сценарија за многубројни ТВ серии, ТВ филмови, краткометражни филмови, радио драми, драмски текстови, како и на повеќе прозни книги, за кои е добитник на наградите „Роман на годината“ во 2013 год. и „Крсте Чачански“ во 2018 година.