Градоначалникот на општина Виница, Ивица Димитров, во работно време игра онлајн игри на „Фејсбук“, а дека е активен социјалната мрежа јавува на неговите пријатели. Тој денес околу пладне на пријатели на „Фејсбук“ им испратил и покана да му се придружат во играње „Лудо“, еден вид „Не лути се човече“. Дел од неговите пријатели, иритирани што градоначалникот може да си дозволи во работно време онлајн игри, ни испратија принт-скринови од поканите.
Градоначалникот Димитров, пак, вели дека никому не испратил покани, ниту, пак, ја играл играта.
„Не сум играл игри денес. Цел ден сум на состаноци. Во 14 часот излегов да појадувам. Мојот ‘Фејсбук’ го користат и моите дома, сопругата и децата. И нив ги прашав, велат дека не ја играле играта. Навистина не знам како некому се појавила покана од мене“, вели градоначалникот Димитров за „А1он“.
Тој објасни дека на компјутерот на работа нема инсталирано „Фејсбук“ затоа што не е дозволено ниту тој, ниту вработените да користат „Фејсбук“ додека се на работа. Исклучок од правилото било само одделението за односи со јавност кои биле задолжени да ги пренесуваат активностите на Општината на социјалните мрежи.
Игра на мобилен играше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. За време на расправата за загадениот воздух лани во ноември во Собранието тој на мобилниот телефон играше „Хеликс џамп“. Откако јавноста го осуди, тој се извини, рече дека играњето игри е гаф, но со тоа сакал да покаже несогласување со лицемерните и лажни политички пароли на пратеникот Влатко Ѓорчев, кој говореше додека градоначалникот си играше.