Запленетиот глисер во Охрид, е во сопственост на второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец, потврдуваат од Обвинителство за „А1он“. Оттаму додаваат дека заплената е направена по барање на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Неофицијално, одземени се и автомобили.
Обвинителството не открива дали се спроведува заплена на имот во сопственост на осомничените и на други локации.
Според извори во истрагата, биле вршени претреси во повеќе објекти чиј сопственик е Зоки Кичеец, а се наоѓаат во општините Дебарца и Охрид.
На Кичеец во вторникот му беше одреден 30-дневен притвор откако Обвинителството за организиран криминал поведе истрага против него и против неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски – Боки 13 за примање награда за противзаконито влијание. Според предистрагата, во периодот од април 2018 до април 2019 година тие наводно барале рекет од Камчев од 8 милиони евра, за преку јавна обвинителка да биде олеснета постапката што се води против него за случајот на СЈО со кодно име „Империја“.
Милески и Јовановски од парите што ги барале, според истрагата, добиле 1,5 милиони евра.