Се снима документарец за Патувачкото кино на „МакеДокс“, во тек подготовки за новото издание на Фестивалот

Од:

Заврши Патувачкото кино на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој прв пат имаше регионален карактер. Во периодот од 1 до 12 јули манифестацијата опфати седум населени места на бреговите на Охридското и Преспанското Езеро од двете страни на границата, вклучувајќи проекции на документарни филмови во Лабуништа, Бучимас, Вишни, Драслајца, Пустец, Луково и Лин.

Како што информираат организаторите, паралелно со активностите на Патувачкото кино се одвиваа и сесиите на третата генерација „Докуникулци“, која ја сочинуваат 12 млади од 15 до 18 години од регионот. Сесиите ги менторираа Петра Селишкар од „МакеДокс“, Еол Чашку и Аријанит Џонбалај од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана. Проектот „Докуникулци“ годинава се реализираше како регионална платформа за стекнување знаења и искуства за креативната документаристика.

Пред проекцијата во Луково беше направен „пичинг“ на кој девет докуникулци ги претставија своите идеи за снимање документарен филм. Меѓу темите што беа отворени во предлозите се истакнуваа впечатоците и приказните од Пустец, ученичкиот живот во интернат, приказните за возач и за правење ајвар, еколошка приказна за исчезнувањето на видовите и потрагата по македонскиот рис, но и за губењето на индивидуалноста под влијание на силна идеологија. Селекцијата на најдобрите три идеи ќе се случи пред почнувањето на фестивалот „МакеДокс“ во август.

Напоредно со проекциите, а по повод неговото десетто издание почна да се снима документарен филм за Патувачкото кино на „МакеДокс“. Креативен продуцент и снимател на филмот е Бранд Ферро од МакеДокс, режисер е Питер Зак од Берлин, кој се занимава со креативна документаристика од 1993 година, ко-продуцент е Јана Цизар, која повеќе од десет години се занимава со продукција на креативни документарни филмови и живее во Берлин, а снимател на звукот е Паоло Бенвинути од Италија.

Патувачкото кино на МакеДокс се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, Амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund.

Од МакеДокс информираат дека во тек се подготовките и за 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм, кое ќе се одржи од 21 до 28 август во Куршумли-ан во Скопје. Веќе е отворен повикот за волонтери, кој трае до 25 јули, а деталите може да се најдат на веб-сајтот и Фејсбук-профилот на „МакеДокс“.

Би можело да ве интересира

Почна фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Oтворен повик за петтата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“

Ана Ололовска

Видеохроникa од патувачкото кино во Преспа

Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот на 13. „МакеДокс“ на 22 август почна со затворена сесија на Балканската мрежа

Ана Ололовска

Отворена изложбата „Спојка“ на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

Отворање на 13. „МакеДокс“ на 18 август во Куршумли-ан

Ана Ололовска