Две македонски идеи наградени на регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“

Од:

Производство на био смарт ориз и мобилна апликација што ги наградува сите еколошки одговорни корисници се двете македонски зелени идеи што добија поддршка од 10.000 долари на овогодинешниот регионален натпревар „Филантропија преку зелени идеи“.

На натпреварот, што од 9-ти до 12-ти јули се одржа во Тирана, вкупно 21 учесник од седум земји ги презентираа своите идеи и се бореа за една од четирите награди во вредност од 10.000 долари.

– Двете награди за нашата земја се доказ дека ние имаме идеи, луѓе и посветеност да бидеме лидери во зелената економија. Ние во АРНО гледаме на овој натпревар не само како на извор на финансии и поддршка за локални бизниси, туку и како инспирација и охрабрување за сите наши граѓани за зелена економија и социјално претприемништво. Горди сме, оваа година конкуренцијата беше голема и силна, ние многу се подготвувавме со нашите натпреварувачи и, еве ги резултатите- си дојдовме дома со две од четири награди, нагласи Ирина Јаневска од Здружението за социјални иновации „АРНО“.

Олга Рајчиќ , која освои 10.000 долари за реализација на апликацијата „Challenger“, наведе дека натпревартот за неа е незаборавно искуство.

– Да бидете опкружени со луѓе од регионот кои ја имаат истата пасија, да создадат бизнис за одржлива иднина е навистина единствено чувство. Овој натпревар дополнително ни ја врати вербата дека и на Балканот може да се случат позитивни промени. Пресреќни сме што ја добивме наградата, но токму ова значи дека сега треба да работиме уште понапорно за да ја оправдаме дадената доверба. Ние веруваме дека „Challenger“ ќе стане балканска алатка која ќе биде мотиватор за создавање одржливи и зелени заедници, истакна Рајчиќ.

Јорданчо Лефков, кој доби награда за идејата за производство на био смарт ориз, истакна дека наградата, што ја добил на натпреварот во Тирана, значи потврда на се она што во последните неколку години го работел со „Програмата за зачувување на природата”, координирана од „Фармахем”.

– Тоа е трансформација на неодржливиот модел на оризопроизводството во одржлив модел. Наградата е поттик за нас да продолжиме со нашите настојувања, да ни се приклучуваат повеќе фармери, да направиме голема приказна за производството на ориз, со настојување да се заштеди на инпутите, водата, семенскиот материјал, а во исто време да се има подобра реколта, повеќе профит за фармерите, поквалитетен и безбеден ориз за исхрана, да се заштити здравјето на луѓето и животната средина. Ете тоа е „Био смарт ориз“, нов производ, сертифициран, при што со помош од наградата од 10.000 долари за нашето здружение од овој натпревар, ќе го лансираме на пазарот веќе од наредната година, потенцираше Лефков.

По четврти пат македонски зелени идеи се наградени на регионално ниво, и досега вкупно шест македонски победнички идеи имаат освоено по 10.000 долари за реализација на зелените бизниси.

Останатите добитници на награди на овогодинешниот регионален натпревар се Стаматина Маја Мошандру од Грција за „Енергија која припаѓа на заедниците“ и идејата на Салко Ужичанин од БиХ за „Соларни панели SolHeat“.

Би можело да ве интересира

Наградата за животно дело од Општина Битола за актерот Борис Чоревски

Отворен конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2024

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

Рабије Мурати и Антонио Митриќески добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“

Доделена државната награда „22 Ноември“

A1on

Познати добитниците на наградата „13 Ноември“