Директорот на „Мокра гора“ Емир Кустурица поднел оставка на позицијата генерален директор на овој природен парк, соопштуваат денешните белградски весници.
Тој тоа го сторил откако неговото име се најде на списокот од 319 лица, против кои државната ревизорска куќа поднесе обвиненија за финансиски прекроци, пишува весникот „Данас“.
Во емоционалното писмо до медиумите Кустурица соопшти дека ги прекинува сите свои врски со државата, поднесувајќи оставка и на местото претседател на Српската ски федерација и дека одлучил веќе да не прифаќа никаква помош за своите проекти, пишува весникот „Данас“.
-Одлучив да не барам и да не примам помош за организацијата на Филмскиот и музички фестивал Кустендорф. Од Министерството за култура ја повлекувам и молбата за доделување на средства за снимањето на филмот „Љубов и војна“, посочи режисерот.
Против Кустурица било покренато обвинение дека на неколку пати избегнувал да спроведе јавни набавки.