Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив. Позитивниот пример за соживот, толеранција, меѓусебно разбирање и поддршка треба да се вреднува, наградува и да ги инспирира другите, порача денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на отворањето на 5.Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН, што се одржува во Виена.
Верувам, истакна Иванов, дека е време да ја прошириме перцепцијата за светот како поле за дијалог меѓу цивилизациите, кој е во основата на културниот натпревар меѓу народите. Религиската толеранција, посочи, е вредност што треба да се учи, гради и надградува, а промените со кои се сочуваат религиите треба да се искористат за унапредување на дијалогот. – Ако во минатото религиите беа територијални, денес, во време на нови технологии и интернет, тие се нетериторијални и тоа е и предизвик, но и можност за унапредување на комуникацијата и дијалогот, наведе шефот на македонската држава.
Антитеза на религиската нетолеранција, нагласи, е религискиот плурализам, сфатен не само како поголема различност, туку и како перцепција и прифаќање на таа различност. – Религискиот плурализам е дел од начинот на живеење на луѓето, начин што не се наметнува, туку извира од реалниот живот. Кај заедниците, народите и нациите религиската толеранција е вредност што треба да се учи, гради и надградува со децении и векови, рече Иванов.
Цитирајќи ја пораката на Махатма Ганди дека гневот и нетолеранцијата се непријатели на доброто разбирање, наведе дека токму нетолеранцијата беше причина за голем дел од колективните човечки трагедии на денешницата, а кои ги има многу. – Предрасудите, исклучивоста, маргинализацијата, омразата и нетрпеливоста кон различноста водат кон трагедиите, предупреди Иванов.
Според него, соживотот, толеранцијата, меѓусебното разбирање и помагање се вредности што Македонија ги практикувала во минатото, а продолжува така и денес. Тоа е позитивен пример што треба да се вреднува, наградува, и да ги инспирира другите, порача македонскиот претседател.
Традиционалната балканска и македонска логика на меѓурелигиски и меѓуетнички соживот ги опиша со симболиката на т.н комшиски капиџик, врата на ѕидот меѓу две соседни куќи, што секогаш била отворена. – Капиџикот е врата која дури и во времиња на предизвици не смеела да биде затворена. Во основа на таа логика е искуството на нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу религиите. Ваквата традиција на соживот и религиска толеранција создаде цврсти трансгенерациски пријателства меѓу луѓе од различни религии. А како резултат на тоа, Македонија е една од ретките земји во Европа каде православни христијани и муслимани го слават Бога во еден објект, под ист покрив. Тоа се места каде религиите не само што се допираат, туку и просторно и временски се преклопуваат, укажа Иванов.
Македонскиот религиски плурализам, подвлече, може да се потврди и со мисијата на Мајка Тереза, која е родена во Скопје. Во радиус не повеќе од 100 метри од нејзината родна куќа, имало католичка црква, православна црква, еврејска синагога и муслиманска џамија. – Мајка Тереза, која своето детство го минала во овој микрокосмос на религиски плурализам, стана синоним за човек кој живее во религиска отвореност и толерантност, оцени македонскиот претседател.
Македонија, како што рече, го негува и промовира моделот за мир, толеранција и интеграција преку регионални иницијативи, како што е форумот на дијалогот на цивилизаците, што годинава ќе се одржи по 10. пат, а почна на иницијатива на поранешниот претседател Борис Трајковски.
– Оваа иницијатива даде фантастични резултати за мојот регион, во време кога целиот регион излегуваше од период на изолација, нетолеранција и конфликти. Фактички и формално, она што Алијансата на цивилизациите сака да го прави на глобално ниво, Република Македонија го започна уште во 2003 година на регионално ниво. Уверени дека дијалогот е незаменлив, во мај оваа година ќе бидеме домаќини и на третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите, што традиционално се одржува во Охрид, најави претседател Иванов.
Пораки за практицирање на дијалогот и почитување на различностите на отворањето на форумот упатија и генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун, вицеканцеларот и министер за европски и надворешни работи на Австрија Михаел Шпинделегер, австрискиот претседател Хајнц Фишер, премиерот на Турција Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Генералното Собрание на ОН Вук Јеремиќ, …
Лидерите треба да зборуваат со јазикот на толеранцијата и почитувањето, а Алијансата на цивилизациите на ОН да гради разбирање и да го промовира дијалогот преку одговорно лидерство, како единствен начин за надминување на проблемите во кризните региони, порачаа учесниците на форумот.
Нивните дискусии во следните два дена ќе бидат посветени на изнаоѓање нови начини за промоција на меѓукултурниот дијалог и разбирање. Фокусот на дискусиите е посветен на темите промоција, заштита и целосно уживање на универзалното право на верска слобода во светло на религиозниот плурализам преку едукација, медиумски плурализам и разновидност на медиумската содржина како клучни фактори за поттикнување јавна дебата, демократија и свест за различноста на мислењата и потенцијали и предизвици на обликувањето нова приказна за миграција, интеграција и мобилност во глобалната економија.