Поради оперативен зафат на поротничка во судечкиот совет, судијата Осман Шабани го одложи судењето за предметот „Ликвидација”, кое требаше да почне од почеток во скопскиот кривичен суд.
Адвокатот на починатиот Борис Николовски, Јован Јоанидис, приложи извод од матичната книга на умрените, за судот за него да ја запре постапката. „Овој случај го уништи покојниот Борис“, рече Јоанидис.
Адвокатот Александар Тортевски побара прочистено обвинение од обвинителката Марија Ѓорѓева.
Случајот „Ликвидација“ го отвори МВР во време на владењето на ВМРО-ДПМНЕ, а го застапуваше обвинителката Лиле Стефанова. Им се судеше на судии, адвокат, обвинител и новинар и заврши со правосилна пресуда со која сите осуммина обвинети со правосилна судса одлука беа прогласени за виновни.
Обвинетите беа правосилно осудени за примање поткуп, за злоупотреба на службената положба и овластување, противзаконско посредување.
Велешкиот судија Иле Танев беше осуден на 1 година и 6 месеци затвор, неговиот колега, судијата, Валентин Зафиров, на 2 години и 6 месеци, обвинителот Ивица Ефремов на затвор од 3 години, пензионираниот судија Борис Николовски, на условна казна од 1 година затвор, колку што доби и адвокатот Сашко Лазаров за противзаконско посредување, а Јане Павловски Тица беше осуден на една и пол година затвор.
Меѓу осудените беше и новинарот Новинарот Томислав Кежаровски бидејќи во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ објавил копија од записникот каде стоел исказот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.
Според обвинението на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Танев во 2008 година како службено лице судија во Основниот суд во Велес и претседател на кривичниот совет, побарал од обвинетиот Сабедин Џини-Хофман поткуп од 2.000 евра за да гласа за укинување на притвор во предмет, каде, пак, како обвинет за разбојништво се јавува заштитениот сведок во „Ореше“ Златко Арсовски, заедно со уште едно лице.
Танев кој е судијата што на два пати донесе осудителна, а во третиот наврат ослободителна пресуда за обвинетите во случајот „Ореше“, е правосилно осуден под обвинение дека со искористување на својата службена положба ги повредил правата на обвинетите браќа Љупчо и Ордан Георгиевски. Тој наводно ја искинал веќе залепената доставницата за пресудата и наместо неа залепил нова со нов невистинит датум, за обвинителот и обвинет Ивица Ефремов кој го пропуштил рокот, да поднесе жалба за висината на казната.
Судијата Зафиров беше обвинет дека во 2008 година под псевдонимот „Бреза“ го сослушал тогаш загрозениот сведок Арсовски, а записникот со телефонскиот број на загрозениот сведок, иако знаел дека внел податоци што можат да доведат до идентификација, им го дал на адвокатите во случајот „Ореше“.
Петтоовинетиот, обвинителот Ивица Ефремов беше обвинет и осуден за противзаконско посредување и злоупотреба на службената положба. Тој наводно поттикнат обвинетиот Зафиров се обидел да влијае кај својата колешка од велешкото Обвинителство, Славица Темелковска, таа да поднесе обвинителен акт без предлог за продолжување на мерка притвор. Ефремов исто така е осуден за неовластено држење оружје.
Следното рочиште за случајот е закажано за 3 септември.