Во рамките на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ од денеска до петок ќе се одржува традиционалниот семинар за изучување на народните инструменти и песни. Со овој семинар традиционално се навестува Фестивалот што ќе се одржи на 5 и 6 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени на кој ќе учествуваат 350 изведувачи на изворниот мелос од целава земја. Годинава фестивалот ќе се одржи по јубилеен, 45-ти пат.
Од денеска, 13-ина млади во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени ќе ги изучуваат изворните инсрументи и песните кои се македонско фолклорно богатство и се пренесувале низ вековите од генерација на генерација.
Според етномузикологот Горан Василески, кој го води Семинарот, годинава запознавањето со изворниот мелос ќе биде на теренот.
– За изучувањето на изворните инструменити ќе бидеме на теренот, во Прилеп и во Долнени, онаму каде низ вековите се создавал изворниот мелос. Ќе посетиме работилница каде се изработуваат инструментите, пред сѐ, гајдите, а во средините, младите ќе се запознаат каде и како се создавала изворната песна, објаснува Василески.
Официјално, јубилејниот 45-ти Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ ќе почне в петок со традиционалното дефиле на учесниците низ центарот на Прилеп. Ќе учествуваат околу 350 исполнители на изворниот мелос од целата држава, а најавени се и гости од соседните земји. Фестивалот свечено ќе биде отворен од 20 часот, што е и првата фестивалска вечер, на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, каде пред вљубениците на изворниот мелос ќе се претстават дел од учесниците.
На 7 јули во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос.
Во сабота, на Рудина кај Долнени е втората фестивалска вечер каде ќе настапат учесниците на ова јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Ќе бидат прогласени најдобрите и ќе биде врачена наградата за најдобар гајдаџија, гајдата на Пеце Атанасовски што ја доделува општина Долнени.
Уметничкиот директор на Фестивалот, етномузикологот професор Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје нагласува дека веќе 45 години Фестивалот ги исполнува главните цели.
– Македонскиот народ изнедрил богат изворен мелос создаван низ вековите и е дел од богатото фолклорно наследство. Веќе 45 години Фестивалот го одржува, го негува богатото фолклорно наследство и секако, го пренесува на новите генерации, нагласува Величковска.