Од 400-500 куќи претреси имаше само во девет објекти, не беа целта сите граѓани на Љуботен туку само лицата кои нелегално тргувале со тутун, изјави министерот Оливер Спасовски на пратеничко прашање за случувањата во селото.
„Знаете дека има законска забрана за марката на тутун „вирџинија“, 14 тони се запленети. Запленети се 5 машини за режење тутун од селото што е апсолутно забрането да прават“, кажа Спасовски на прашање на Ејуп Алими од ДУИ, зошто се претресувале граѓаните наместо да се лоцира како е увезен тутунот.
Спасовски дополни дека акцијата е водена подолго време, дека приведените лица веќе имаат од претходно кривични пријави за различни криминални дела, како и дека ќе се истражува дали други институции имаат одговорност.
Алими забележа дека не добил одговор зошто била користена прекумерна сила од МВР и обвини дека полицијата користела блиндирани возила и тероризирала деца и семејства при претресот во Љуботен.